
Просперитетна Македонија нема да ја изгради ниту еден човек сам, туку сите заедно – државата, стопанството, науката, семејствата, младите.Таа Македонија треба да биде визија што ќе ги обедини сите генерации: од оние што се бореле за неа, до оние што ќе ја водат во новите времиња, истакна премиерот Мицкоски.
Да создадеме земја што ќе биде пример на стабилност и успех, земја што ќе остане своја и горда, но и современа и европска.Тоа е татковината што ја гледам пред нас – држава што чекори сигурно напред, со глава исправена и со срце насочено кон иднината.
Силата на државите што се напредни се мери во нивното единство. Мене ми е навистина жал што кај нас има фактори кои редовно пропуштаат тоа да го изградат.
Така ќе биде и денес, кога ретко каде ќе слушнете честитка од нашите противници за Денот на револуционерната борба. Не сфаќајќи дека ВМРО како организација не ни припаѓа само нам, туку на целиот македонски народ, на сите граѓани во Македонија.
И таквото нивно однесување потврдува дека ние како политичка сила мора самите да се подобруваме и самите одвнатре да се организираме и одговараме на предизвиците.
А во периодот што следи, Владата има една и главна цел, а тоа е битката и борбата за животен стандард и за подобар живот., истакна Мицкоски во говорот.
И сакам да знаете дека никогаш не престанавме со оваа цел и за тоа работевме дури и во периодот на избори, за што вчера од Лондон носам добри вести за нова инвестиција.
Потпишав вчера во Лондон меморандум за разбирање со американско-британската компанија која ќе инвестира во наменската воена индустрија во Македонија до 150 милиони долари. Ќе имаме нови високоплатени 1.000 работни места, и ова е само почеток на оваа инвестиција која подоцна ќе се развива.
Ова ќе биде додадена вредност за македонската економија.
Не чека многу работа, а наредната година сакам да биде година на економијата. Година кога народот ќе почувствува повеќе пари во паричникот, и подготвуваме нов пакет на мерки за подобар живот.
Подобриот живот е битката на нашата генерација, и тоа мораме самите да го обезбедиме со свои сили. Никој тоа нема да го направи за нас од надвор.
Мора да ја направиме македонската економија поконкурентна и со повеќе создадени вредности. Борбата за секој работник е моја борба. Борбата за повисоки плати и подобри услови за живот е и моја борба, и тоа ќе биде приоритет број еден.
Следува време на економија и борба за стандард. И тоа ќе биде нашата главна задача.