Skip to main content

Трамвај излета од шините во центарот на Сараево: Едно лице загина, малолетничка остана без нога

Едно лице го загуби животот, а четири лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи во Сараево, кога градски трамвај излета од шините на една од централните раскрсници во градот. Информацијата во попладневните часови ја потврдија болнички извори.

Според досегашните податоци, трамвајот излегол од колосекот, ја пробил заштитната ограда и завршил надвор од трасата. При несреќата бил притиснат пешак кој починал на местото на настанот. По првичните спротивставени информации во јавноста, порталот „Кликс“ објави дека жртвата е 23-годишно момче.

Екипите на Итната медицинска помош на местото затекнале уште четири повредени лица. Лекарка од Сараево изјави дека една девојка била во особено тешка состојба и веднаш била транспортирана во болница.

Подоцна беше соопштено дека станува збор за 17-годишна девојка на која поради сериозните повреди ѝ била извршена ампутација на ногата. Таа се наоѓа во критична состојба и е животно загрозена.

Несреќата се случила на раскрсница каде минатата година била спроведена реконструкција на пругата и свртницата во рамки на поширок проект за обнова на трамвајската инфраструктура. Засега се разгледуваат повеќе можни причини за излетувањето, меѓу кои се споменуваат неприлагодена брзина и староста на трамвајот од чешко производство, набавен во времето на поранешна Југославија.

И покрај тоа што во тек е процес на модернизација и во сообраќај се вклучени нови трамваи, на сараевските шини и понатаму сообраќаат возила стари неколку децении, што повторно ја отвори дебатата за нивната техничка исправност и безбедноста во јавниот превоз.

Поврзани вести