
Припадници на Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) на Босна и Херцеговина денеска се обиделе да го приведат претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, но биле спречени од Министерството за внатрешни работи на српскиот ентитет кој е дел од БиХ, објави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тимовите на СИПА, како што се наведува, се обиделе да влезат во зградата на Административниот центар на Владата на Република Српска во Источно Сараево, каде што во тек е средба на Додик со претставници на Градот Источно Сараево, но биле запрени од припадници на Министерството за внатрешни работи на ентитетот.
Како што дознава Klix.ba, членовите на СИПА се обиделе да го приведат Додик, но припадниците на Министерството за внатрешни работи на Република Српска се спротивставиле на таа акција.
Како што беше видливо на лице место, припадниците на МУП на РС излегоа со долги пушки и на тој начин ги запреа. Ова кривично дело извршено од припадници на МУП на РС треба да се оквалификува како вооружен бунт, пишуваат босанските медиуми.
Ситуацијата за РСЕ ја потврдиле од СИПА, од каде соопштиле дека членовите на државната Агенција сакале да постапат по наредба на судот на Босна и Херцеговина.
За време на настанот не била употребена сила, рекле од СИПА.
За Милорад Додик, како и за претседателот на парламентот на Република Српска, Ненад Стевандиќ и премиерот на РС, Радован Вишковиќ од средината на март е распишана централна потерница, откако не се јавија на повикот за распит во Обвинителството на БиХ.
Тие се осомничени за напад на уставниот поредок на земјата.
Претходно, судот на Босна и Херцеговина побара од Интерпол да ја ревидира одлуката за одбивање на барањето за издавање црвена потерница за претставниците на раководството на Република Српска.