Skip to main content

Милановиќ предупредува: ЕУ ризикува да пропадне како Југославија и СССР поради наметнување едноумие

Facebook Gordana Siljanovska Davkova

 Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изрази надеж дека Европската Унија нема да пропадне поради наметнување на едноумие, како што тоа им се случи на Југославија и Советскиот Сојуз.

Милановиќ е во дводневна посета на Словачка, каде што утре ќе се сретне со словачкиот колега Петер Пелегрини и со премиерот Роберт Фицо.

На состанокот со претставниците на хрватското национално малцинство во хрватската амбасада во Братислава, Милановиќ рече дека Пелегрини и Фицо ги познава долго време, комуницира со нив и дека е нивен истомисленик, „што не значи дека денес во Европа сите мислат исто“.

– Но, постои една тенденција луѓето да се наговараат, а ако не оди убаво, многу брзо се откажуваат од тоа, па потоа се оди на сила за сите да мислат исто, а тој филм веќе го гледавме. Поради тоа пропаднаа Југославија и Советскиот Сојуз. Се надевам дека нема и Европската Унија, рече Милановиќ.

– Не можат сите да се однесуваат на ист начин, а заедничките демократски вредности се прашање на толкување, додаде тој.

Се очекува Милановиќ утре со Пелегрини да разговара за билатералните односи, економската соработка, проширувањето на Европската Унија, европската одбрана и безбедност, енергетската соработка, како и за војните во Украина и на Блискиот Исток.

Кабинетот на претседателот во соопштението односите меѓу двете земји ги опиша како „пријателски, стабилни и без отворени прашања“.

Размената на стоки во 2024 година изнесувала 1,5 милијарди евра, а во првите единаесет месеци од оваа година Хрватска ја посетиле 528 илјади словачки туристи, се наведува во соопштението.

Поврзани вести