
Сочувство за загубените животи и подготвеноста на Грција да помогне по трагедијата во Кочани, изрази грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Икс, јави дописничката на МИА од Атина.
Искрено сочувство до народот на Македонија за загубените животи во трагичниот пожар во Кочани. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства, а на повредените им посакувам брзо закрепнување. Грција е подготвена да помогне во ова тешко време, напиша Мицотакис.
Претходно, подготвеноста на Грција да обезбеди секаква неопходна помош, вклучително и спасувачки тимови и медицинска помош, изрази министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во телефонскиот разговор со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.
Трагедијата во Кочани претпладнево е главна вест во медиумите во Грција.