Skip to main content

Кошта патува во Белград, ќе има средби и со опозицијата во Парламентот

Facebook António Costa
Facebook António Costa

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, утре во Белград ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут, како и со пратеници, вклучувајќи ги и пратеници од опозицијата, јавија српските медиуми.

Посетите на претседателот на Европскиот совет обично вклучуваат само средби на највисоко државно ниво, што беше случај и кога претходникот на Кошта, Шарл Мишел, за време на неговите посети се сретна само со претседателот Вучиќ и тогашната премиерка Ана Брнабиќ.

Во распоредот на утрешната посета на Кошта е наведено дека тој ќе се сретне со Вучиќ, Мацут како и со пратеници во Парламентот.

Целта на посетата на Кошта на Западен Балкан е да ја потврди посветеноста на Европската унија кон регионот и да биде коорганизатор на шестиот самит на Европската политичка заедница на 16 мај во Тирана.

Се очекува Кошта да ја нагласи важноста од понатамошно зајакнување на обновениот моментум во процесот на проширување и односите меѓу ЕУ и Западен Балкан.

По посетата на Белград, Кошта ќе отпатува за Сараево, каде што ќе се обрати на војниците на ЕУФОР и ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина.

В среда тој ќе ги посети Подгорица и Приштина, а на 15 мај, Скопје и Тирана.

Поврзани вести