Skip to main content

Консултативен форум на јавни и специјални обвинители на Западен Балкан во Тирана

Фото: Freepik

Во Тирана денеска се одржува консултативен форум на државните јавни и специјални обвинители од земјите на Западен Балкан. Во поздравниот збор, првиот човек на албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), Алтин Думани изјави дека „борбата против организираниот криминал е битка што не познава географски граници, туку бара тесна регионална и меѓународна соработка“.

Тој на колегите им порача „не нè обединува географијата, туку борбата против криминалот“.

– Криминалните групи и организации се меѓусебно поврзани и нивното разбивање бара координирана работа на регионално ниво. Потребни се повеќе заеднички истраги, доверба, визија и споделување информации, додаде Думани.

Фокусирајќи се на соработката со Евроџаст, Думани нагласи дека таа претставува „стратешки јазол, кој овозможил решавање на сложени случаи преку заедничка работа“.

Тој додаде дека СПАК се соочува со голем прилив на случаи и дека само во периодот од јануари до мај се одржани 10 состаноци и се создадени 23 истражни тимови со земјите од ЕУ и регионот, како и еден тим со Латинска Америка

– Заедничките тимови, финансиските истраги и враќањето на средствата, како и споделувањето информации во реално време, се клучни елементи за нашиот успех, заклучи Думани.

На, денешниот, втор форум порака до обвинителите упати и амбасадорот на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато, кој побара посилна соработка меѓу обвинителствата во регионот.

Вашата работа како главни обвинители директно влијае на членството во ЕУ. Независните обвинителски служби, кои можат да истражуваат и гонат криминалот без страв или наклонетост, се суштински предуслови за членство во ЕУ, порача Гонзато. 

Поврзани вести