
Поранешниот претседател на Уставниот суд на Косово, Енвер Хасани вечерва оцени дека Косово ризикува изолација доколку новата влада не го испрати нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство до Уставниот суд на уставна проверка.
Тој за КТВ изјави дека Европската унија и САД повеќе нема да толерираат одложувања.
ЕУ денеска има други проблеми. Не верувам дека во Европа и во САД постои волја да се толерира играњето со зборови во дијалогот. Колку подолго Косово одложува, толку потешка ќе ни биде ситуацијата, рече Хасани.
Тој рече дека договорот постигнат во Охрид, вклучително и формирањето на ЗСО, е меѓународна обврска за Косово и дека нема простор за избегнување.
-Кога преземате меѓународни обврски, мора да ги спроведете. Ова треба да го разберат сите – политичарите, граѓаните, сите, додаде тој.
Хасани ја остави отворена можноста за додавање нови елементи на договорот, но нагласи дека обврските што ги презеде премиерот Албин Курти во Охрид сега се непроменливи и неизбежни.
Тој тврди дека која партија и да ја формира идната влада најпрво ќе се занимава со прашањето за Заедницата на општините со српско мнозинство.
Главната задача на идната влада, 70-90 отсто од работата, е спроведување на Охридскиот договор, што значи спроведување на автономијата што Курти ја прифати во Охрид и Брисел. Курти ја прифати, но нејзиното спроведување беше и е огромен товар за една партија. Сакаат голем општествен консензус, што значи и владина коалиција. Тоа не се зборуваше на изборите, но 70-80 отсто од работата на владата на Курти имаше врски со тоа, рече тој.