Skip to main content

Грција покриена со снег среде април: Затворени училишта и патишта

Freepik

Ниските температури и лошото време предизвикаа снег и сериозни врнежи ширум Грција.

Студениот бран што синоќа ја погоди Грција доведе до снежни врнежи во неколку северни области, пренесуваат локалните медиуми. Во градовите Кожани, Флорина, Касторија, Драма и Сер снег паѓа од утрово, а се очекува врнежите да се прошират и на поголем дел од земјата.

Поради неповолните временски услови што владеат во регионот, училиштата денеска ќе останат затворени со одлука на градоначалниците на Флорина, Ксанти, Драма и Преспа.

Според „Прототема“, во Солун утрово се забележани снежни виулици во повеќе делови од градот, а падот на температурата ќе биде особено изразен во централните и северните региони.

Според прогнозите, од вторник, 8 април, студеното време ќе го зафати и остатокот од Грција, додека мраз се очекува во многу делови од северниот дел на земјата, главно во утринските и вечерните часови, сè до петок, 11 април.

Локално обилни дождови и невреме се предвидуваат до пладне на островите во источниот Егеј, додека во источна Тесалија, Споради и северна Евија се очекуваат обилни врнежи.

Силна бура со град вчера ја погоди северната област Халкидики, а особено интензивни појави имаше во регионите на Палеохори и Мегали Панагија.

Поврзани вести