
Европската Унија одобри 140,5 милиони евра неповратни средства за Босна и Херцеговина, во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) за периодот 2025–2027 година, соопшти денеска Делегацијата на Европската Унија во БиХ.
„Европската Унија останува најдоследниот партнер на Босна и Херцеговина“, порача Делегацијата на ЕУ во Сараево во објава на социјалната мрежа „Икс“, потврдувајќи дека институциите на Унијата ја одобриле финансиската поддршка за земјата.
Претходно годинава Советот на министри, а потоа и тричленото Претседателство на БиХ, го ратификуваа договорот со Европската Унија.
Средствата се наменети за поддршка на БиХ во усогласувањето со правилата и стандардите на Европската Унија. Тие ќе бидат искористени за проекти во областа на економскиот развој, реформите во јавната администрација и институциите, управувањето со миграцијата, одржливото земјоделство и прехранбениот сектор, како и за други области значајни за процесот на приближување кон членството во ЕУ.
ИПА III е главниот инструмент преку кој Европската Унија финансиски ги поддржува земјите кандидати и потенцијалните кандидати во спроведувањето на реформите поврзани со пристапниот процес. Целта е зајакнување на институциите, подобрување на управувањето со јавните политики, зголемување на конкурентноста на економијата и постепено усогласување на законодавството и практиката со правото на Европската Унија.

Македонски


