Skip to main content
Средба Спиропали - Киселова

Албанската заедница во Бугарија и бугарската во Албанија ја имаат целосната меѓусебна поддршка

Фејсбук Спиропали

Ги делиме истите оценки дека албанската заедница во Бугарија и бугарската заедница во Албанија ја имаат поддршката од парламентите, владите и институциите на двете земји за заштита на јазикот, културното наследство, развојот и напредокот како наследени вредности и како мост на пријателство помеѓу нашите две земји, изјави претседателката на албанскиот Парламент, Елиса Спиропали на заедничката прес-конференција, по средбата со нејзината бугарска колешка Наталиа Киселова, која е во посета на Албанија.

Спиропали високо ја оцени „силната поддршка на Бугарија за европската интеграција на Албанија“.

Поддршката од Националното собрание и лично од претседателката Киселова ќе биде дополнителна гаранција за оваа цел. Оваа наша цел оди рака под рака со приоритетите на агендата на комесарката за проширување Марта Кос, презентирана во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Уверени сме во поддршката на Бугарија, исто така и на состаноците на Советот на Европска Унија, како земја-членка, рече Спиропали.

Таа додаде дека со Киселова ја искажале заедничката волја за интензивирање и проширување на парламентарната соработка, преку групи за пријателство, парламентарни комисии и пратеници, нагласувајќи дека двете земји „соработуваа и ќе продолжат да соработуваат како активни членки на НАТО, во служба на мирот и безбедноста во регионот, Европа и пошироко“.

Киселова ѝ честиташе на Албанија за сериозните достигнувања во процесот на членство во ЕУ, нарекувајќи ја „шампион во напорите за целосна интеграција во ЕУ“.

Вие сте шампиони во напорите за целосна интеграција во ЕУ, во споредба со другите земји од Западен Балкан. Не само Парламентот, туку и Владата, секој министер, без оглед на политичката ситуација, смета дека целосната интеграција на Албанија е фактор на стабилност за Западен Балкан, истакна Киселова.

Таа, на прес-конференцијата на која немаше прашања, подвлече дека „Бугарското народно собрание ќе вложи максимални напори да помогне, доколку е потребно, во интензивна работа наАлбанија во текот на наредните години, за да може потоа заедно да се прослави кога сите ќе бидат дел од ЕУ“. 

Поврзани вести