Skip to main content

Албанија го забрани „ТикТок“ на една година

Албанската влада вчера одлучи да го затвори „ТикТок“ на 12 месеци поради „содржината што ја објавува и која поттикнува насилство и малтретирање, особено меѓу децата”.

Министерката за образование Огерта Манастрилиу рече дека службениците се во контакт со ТикТок за инсталирање филтри за родителска контрола, како и за проверка на возраста и вклучување на албанскиот јазик во апликацијата.

Властите одржаа 1.300 состаноци со околу 65.000 родители кои „препорачaа и поддржаа затворање или ограничување на платформата „ТикТок“, рече министерката.

Албанската влада ја покрена постапката минатата година кога тинејџер избоде до смрт друг тинејџер во ноември по расправија што започна на „ТикТок“.

Кога албанскиот премиер Еди Рама во декември изјави дека имаат за цел да ја затворат социјалната мрежа, ТикТок побара итно појаснување од албанската влада во врска со случајот со убиството со прободување со нож на тинејџер од негов врсник.

Рама вчера изјави дека се во позитивен дијалог со компанијата и дека претставниците на ТикТок наскоро ќе ја посетат земјата за да понудат „низа мерки за зголемување на безбедноста на децата“.

Компанијата претходно соопшти дека „не нашла докази дека сторителот или жртвата имале профили на ТикТок“ и истакна дека бројните извештаи всушност потврдиле дека видеата што доведоа до инцидентот биле објавени на платформа различна од ТикТок.

Децата ја претставуваат најголемата група корисници на ТикТок во Албанија.

Загриженоста почна да расте кај родителите по извештаите за деца инспирирани од содржината на социјалните мрежи кои носат ножеви на училиште или по случаите на малтретирање поттикнати од приказните што ги гледаат на оваа платформа.

Опозицијата не се согласи со затворањето на ТикТок и закажа протести поради тоа за 15-ти март. Опозицијата смета дека забраната е „чин на нетрпеливост, страв и терор против слободата на мислата и изразувањето“.

Поврзани вести