Skip to main content

Првото бебе во Охрид е женско

Охриѓани и бројните гости од земјата и странство синоќа во новогодишен амбиент, со огномет и добра забава ја испратија веќе старата 2024 и ја дочекаа Новата 2025 година.

Неколкуте илјади граѓани на Охрид, како и туристи, на Градскиот плоштад со пријатно време за овој период од годината се забавуваа на хитовите на Каролина Гочева и Наум Петрески.

Нив ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков, посакувајќи им да уживаат во посетата на Охрид, а на граѓаните на Охрид успех, среќа и бериќет.

За оваа 2025 како градоначалник како последна од мојот мандат фокусот ќе биде на она што сум се обврзал пред Охриѓани дека ќе го завршам. Најголемиот успех на Општина Охрид е што е со одблокирана сметка, што значи застанување на општината за здрави нозе. Во наредната година пренесуваме 227 милиони денари, средства наменети за инфраструктурни проекти без потреба од помош од министерствата, рече Пецаков кој Новата година ја дочека на Градскиот плоштад.

Весело беше и во угостителските објекти, кои беа исполнети до последно место, традиционално со богата трпеза и одлична забава до раните утрински часови. Најбројни и оваа година на охридската ривиера беа гостите од соседните држави, во најголем дел од Србија, Црна Гора и Албанија на кои во текот на вчерашниот ден полицијата за добредојде во Охрид наместо казни им делеше лампиони.

Од безбедносниот аспект, „најлудата“ ноќ во годината мина речиси без инцидент.

Од СВР – Охрид, безбедносната состојба за новогодишната ноќ е оценета како стабилна, со едно нарушување на јавниот ред и мир, со тепачка пред ноќен клуб меѓу пет лица, сите државјани на Србија, како и еден пријавен напад врз физичко лице од Охрид.

Возачите во Охрид примерни, без какви било инциденти. Противпожарната служба ноќта ја мина без ниту една интервенција.

Што се однесува до Службата за итна мединцинска помош, дежурните ноќеска имале само шест повици што, како што посочија, е помал број јавувања отколку вообичаено дури и во останатите денови. Помали интервенции имале и дежурните екипи што со возила беа распоредени на местата со зголемена фреквентност на луѓе, пред дискотеките и на Градскиот плоштад, и тоа главно укажување прва помош на алкохолизирани лица.

Охрид веќе ги доби и првите принови. Во 4:52 на Одделението за акушерство и гинекологија во Општата болница е родено здраво женско бебе тешко 4,180 килограми. Двете бебиња родени во оваа 2025 и посети градоначалникот Пецаков и ги даруваше со пригодни подароци.

Поврзани вести