
Полска ќе создаде нова воена структура – Компонента за гранична одбрана, како дел од напорите за зајакнување на безбедноста долж источната граница на земјата – соопшти полскиот министер за одбрана, Владислав Кошињак-Камиш.
Токму како што Полска пред години го создаде Корпусот за гранична одбрана, денес ја формираме Компонентата за гранична одбрана, напиша Кошињак-Камиш на платформата „Икс“, повикувајќи се на воените сили формирани во 1924 година за заштита на источната граница на Втората Полска Република.
Министерот најави дека наскоро ќе ги именува командантите на единиците и дека дополнително ќе ги претстави деталите за новата воена структура.
Кошињак-Камиш го опиша формирањето на Компонентата како „следна фаза во зајакнувањето на источната граница“, паралелно со програмата „Источен штит“ вредна 2,3 милијарди евра, како и со тековните операции кои, според него, веќе значително ги намалиле обидите за нелегално преминување на границата.
Компонентата за гранична одбрана ќе функционира во рамките на Територијалните одбранбени сили и ќе биде составен од четири бригади распоредени долж источната граница на Полска.
Иницијативата беше одобрена од Министерството за одбрана во октомври 2025 година.
Новата формација ќе ја преземе одговорноста за задачите поврзани со граничната безбедност, со што ќе се овозможи редовните воени единици, кои моментално се распоредени во рамките на операцијата „Безбедно Подласко“, да бидат пренасочени кон други оперативни задачи.
Подласко е едно од 16-те војводства во Полска и се наоѓа во североисточниот дел на земјата, на границата со Белорусија и Литванија.(МИА)

Македонски



