Skip to main content

Николоски: Првите 30 електрични автобуси ги очекуваме во декември или јануари

Првите 30 електрични автобуси се очекуваат да стигнат во државава во декември или во јануари, а набавката на вкупно 150 се очекува да заврши за година и половина. Била поднесена една жалба која денеска е отфрлена од Второстепената комисија за жалби по јавни набавки, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Заврши и процесот на жалби, имаше една жалба поднесена, денеска беше отфрлена од Второстепената комисија, така што овојпат процесот е целосно успешно завршен. Сега влегуваме во процес на потпишување договор и ако шест месеци е рокот за испорака од потпишување на договорот, моето барање до понудувачот, кој сега веќе ќе е и официјален контрактор на државата, ќе биде првите автобуси да стигнат во декември или во јануари. Следните 60 да стигнат во рок од 12 месеци и уште 60 за 18 месеци. Така што за година и пол да заврши целата испорака, рече Николоски вечерва во интервју во Дневникот на ТВ Сител.

Откако во четвртокот во Владата беа потпишани договорите за инвестициски грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што се обезбедува финансиската конструкција за реализација на третата фаза од железничката делница Крива Паланка – почеток на прекуграничниот тунел со Бугарија, како дел од Железничкиот коридор 8, Николоски изјави дека е исклучително заедоволен од динамиката на развој на проектот и, рече, ако се оди добро очекува интензивни градежни работи од почетокот на идната година. 

Веќе е избрана и ревизорска куќа која до средината на октомври  треба да направи ревизија на целата документација, а потоа таа ќе го следи и процесот на реализација. 

-Ако од страна на Бугарија се работи со истото темпо со кое работиме ние, тогаш сме договорени во 2032 година да имаме поврзување кое ќе оди од Скопје преку Софија до Варна и до Бургас, рече Николоски.

Поврзани вести