Skip to main content

„Несовесно изведување на градежни работи“ причина за прекините во водоснабдувањето на тетовчани

ЈКП „Шар“ – Тетово денеска преку соопштение упати извинување до сите граѓани кои во изминатиот период се соочија со прекини и отежнато водоснабдување, кои, според претпријатието, настануваат како последица на несовесно и несоодветно изведување на градежни работи од страна на приватни компании, изведувачи и физички лица. 

Според информациите на ЈКП „Шар“, при изведување на градежни и инфраструктурни зафати, без соодветна проверка и почитување на постојната подземна инфраструктура, често доаѓа до оштетување на водоводната мрежа. 

– Последиците ги чувствуваат граѓаните преку дефекти, прекини и намален притисок во водоснабдувањето. Нашите екипи се на терен секојдневно и интервенираат во услови кога дефектите се појавуваат еден по друг. Приоритет е што побрзо отстранување на дефектот и повторно воспоставување на стабилно водоснабдување, без разлика кој е причинителот. ЈКП „Шар“ не може да влијае на начинот на кој трети лица ги изведуваат своите градежни активности, но мора и ќе продолжи да ги санира последиците што тие ги предизвикуваат, соопштија од ЈКП „Шар“. 

Од таму со апел до сите компании, изведувачи и физички лица кои реализираат градежни работи да постапуваат со најголема одговорност и претпазливост, да ја почитуваат постојната инфраструктура и навремено да се координираат со надлежните служби.

Поврзани вести