Skip to main content

Во Скопје гостува германската авторка Лена Шете

Во септември Скопје ќе биде домаќин на германската авторка Лена Шете, годинашната добитничка на престижната награда „Ингеборг Бахман“. Поводот за гостување во Скопје е преводот на нејзиниот роман „Црните дланки на татко ми“, кој во следниве денови ќе биде достапен во издание на „Илика“ во прекрасната серија посветена на автофикцијата и современата проза.

Разговорот е на 12 септември во кафе-бар „Лабораториум“ помеѓу авторката Лена Шете и преведувачката на романот Катерина Шекутковска, кој ќе биде модериран од поетесата и преведувачка Александра Спасеска. Низ разговорот ќе имате можност да чуете за специфичното писмо на Шете кое е проткаено истовремено и од личната биографија и од имагинацијата, а кое длабоко задира во секојдневието на едно сиромашно семејство во германската провинција. Алкохолизам, преработеност, насилство и срам: Шете храбро ги адресира темите кои доминираат во одредено социјално милје, а често се третираат како табу, но истовремено и ја раскажува и приказната за едно растргнато семејство кое сепак се бори за поддршка, љубов и заедништво.

На 13 септември од 11 до 14 часот во „Лабораториум“, под водство на авторката Лена Шете ќе се одржи и работилница за автофикција. Покрај тоа што Шете завршила „Книжевно пишување“ на Германскиот институт за литература во Лајпциг, таа е и долгогодишна менторка на работилници за креативно пишување, често истражувајќи ги потенцијалите на автофикцијата. Бројот на учесници е ограничен и учтиво ве замолуваме да го пријавите вашето присуство на [email protected].

Настаните ќе се одвиваат на англиски јазик, а се реализираат во организација на Друштвото за македонско-германска соработка и развој и издавачката куќа „Илика“, со поддршка од Гете институтот во Скопје.