
Премиерот Мицкоски во вчерашниот говор во Струмица ја најави реконструкција на Владата, порачувајќи дека сите отстапувања прецизно ги нотира, дека ќе има промени, како и дека нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта.

Говорејќи на оваа тема, тој рече дека многу прецизно го детектира и следи феноменот на скршнувања од она што треба да биде кодекс на однесување на Владата, посочувајќи дека има и такви на кои фотелјата и станала помила од контактот со народот.
Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме“,рече Мицкоски.
Во тој контекст, рече дека тој пред осум години почнал токму од Струмица, кога станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, рече ги посетувал месните комитети со еден партиски автомобил, кој неретко се расипувал, со една наследена и истрошена камера и со двајца-тројца луѓе околу него. Но желбата за успех, додаде, била голема.

И ова е порака дека нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи. Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Да, не е лесно, но на народот му е потешко и не сакам изговори. Моите соработници ми велат: ‘Претседателе, многу сте меки во вашиот карактер’. Точно е. Јас на човек скоро и да не сум му повишил тон. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, што е и моја домашна култура, но тоа не значи, никако не значи, дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите“,рече Мицкоски.
Додаде дека не прифаќа оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен, а на уморните им порача дека е чесно само да си заминат.
Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен“,рече тој.

Македонски



