Skip to main content

Македонскиот тим вицешампиони на финалето на Европскиот квиз за пари за 2025 година

Македонските претставници на Европскиот квиз за пари, го освоија второто место на овој престижен меѓународен натпревар за млади во областа на финансиската писменост. Европски вицешампиони се  учениците Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „ Кире Гавриловски – Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката Соња Јорданоска.

Финалето се одржа на 23 мај во Брисел, Белгија, во организација на Европската банкарска федерација (ЕБФ).

Тимот од Италија го освои првото место, додека пак третопласирани беа учениците од Шведска.

Годинашниов Европски квиз за пари забележа рекорден одзив во 30 земји во Европа. На нашионалните натпревари во земјите учеснички учествуваа над 73.000 ученици од 2.877 училишта.  Од сите учесници само 60 продолжија во финалето на Европскиот квиз за пари, кое беше организирано со дводневна агенда и вклучуваше низа активности за запознавање и зближување помеѓу тимовите.

Иницијативата од ЕБФ започна во 2017 година. Целта е да ги подобри финансиските знаења на младите луѓе и да поттикне финансиски одговорна генерација.

Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност ќе продолжи да ја поддржува и да ја промовира финансиската едукација како клучен елемент за успешната и независна иднина на младите луѓе.