Skip to main content

Активни се пожарите во Штип, Струга, Сарај, Студеничарни, Ѓорче Петров и Кичево

ЦУК

До 7:30 часот утрово во земјава се регистрирани вкупно 41 пожар на отворен простор. Од нив, шест се активни, пет се ставени под контрола, а 30 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во општините Штип, Струга, Сарај, Студеничани, Ѓорче Петров и Кичево.

Во Штип гори ниска вегетација на потегот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица. Во Струга пожарот е во шума, во реонот на селата Пискупштина, Луково и Буринец.

Во село Копаница во општина Сарај е зафатена нискостеблеста шума и ниска вегетација, додека пожарот кај село Палиград во Студеничани зафатил ниска вегетација и мешана шума.

Активен е и пожарот кај село Грачани во општина Ѓорче Петров, каде што гори нискостеблеста шума, како и пожарот во кичевското село Тајмиште, на местото викано Дардара, каде што се зафатени ниска вегетација и мешана шума.

Под контрола се пожарите во селата Битово, Заград и Страјане, Драгов Дол и Белица во општина Македонски Брод, над селото Палиград во општина Зелениково, како и пожарот на градската депонија во Делчево.

ЦУК информира дека во текот на изминатото деноноќие се изгаснати вкупно 30 пожари на отворен простор во повеќе општини низ земјава.

Меѓу нив се пожари на ниска вегетација, шума, пасишта, депонии, стрништа и ѓубришта, а регистриран е и пожар во кој биле зафатени патничко возило и борова шума во село Герман, општина Ранковце.

Поврзани вести