
Во текот на вчерашниот ден се регистрирани над 30 пожари на отворен простор, што покажува дека нивниот број не стивнува, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, упатувајќи апел до граѓаните за максимална претпазливост.
– Во текот на вчерашниот ден повторно имавме над 30 пожари на отворен простор, што значи дека нивниот број не стивнува. Затоа уште еднаш упатувам апел до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидејќи доволна е само искра за вистинска катастрофа. Иако за денес попладне и утре попладне синоптичарите предвидуваат појава на локални врнежи, сепак вегетацијата е премногу сува и затоа треба да се внимава – нагласи Ангелов.
Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Општина Струмица, тој информираше дека биле евидентирани четири пожари, кои благодарение на брзата реакција на противпожарните екипи, биле целосно изгаснати, со што, вели, е спречена поголема опасност по населените места.
– Синоќа имавме четири пожари на територијата на општина Струмица. Благодарение на брзата и храбра интервенција на струмичките пожарникари, сите тие беа брзо изгаснати. Иако четвртиот од нив, којшто се одвиваше во атарот на село Куклиш, го загрози ова село — дојде до првите куќи — но благодарение на храбрата и пожртвувана реакција на струмичките пожарникари, со поддршка на радовишките и валандовските пожарникари, беше спречена катастрофа којашто можеше да се случи во ова село. Постоеше опасност и по куќите, но и по земјоделските површини околу селото – истакна Ангелов.
Во однос на пожарот на планината Жеден, Ангелов посочи дека огнената стихија се шири кон селото Радуша, но во моментов нема директна закана за населените места.
– Пожарот којшто веќе неколку дена се одвива на планината Жеден сега се движи во насока на село Радуша. Гори на тешко пристапен терен, карпест терен — трева, грмушки, трња. Не загрозува во овој момент ниту едно село овој пожар. Очекувам во текот на денешниот ден тетовските пожарникари од тетовска страна и скопските од скопска страна да го стават под контрола и истиот да го изгаснат. Во текот на вчерашниот ден на овој пожар работеа и неколку Пинцгауери на Дирекцијата со огнените тимови. Истите и денес се ставени на располагање како поддршка на скопските и тетовските пожарникари – рече Ангелов.

Македонски


