Skip to main content

Пирло му ги блокирал картичките на синот затоа што се обложувал

Италијанските медиуми последниве денови интензивно известуваат за обложувачки скандал во кој наводно се вмешани 12 сегашни и поранешни играчи во Серија А. Сите се под истрага за нелегално обложување, а сè е поттикнато од анализата на мобилните телефони на Сандро Тонали (во времето на инкриминираните дела, играч на Милан, сега на Њукасл) и Никола Фаџоли (тогаш играч на Јувентус, сега на Фиорентина), кои беа запленети во октомври 2023 година.

Според Газета дело Спорт, ниту еден од фудбалерите под истрага не е осомничен за местење или обложување на натпревари на кои играле. Тие се обложувале на други спортови и играле онлајн покер – но на нелегални платформи, помеѓу декември 2021 и октомври 2023 година.

Ниту синот на легендарниот Андреа Пирло не остана имун на проблеми со обложувањето. Според „Кориере дела сера“, Николо Пирло, кој во тоа време бил сè уште малолетник, акумулирал долг од 30.000 евра во 2022 година обложувајќи се на нелегални платформи. Откако дознал за ова, неговиот татко Андреа Пирло ја блокирал неговата банкарска сметка.

Италијанските медиуми пренесуваат дека помладиот Пирло најверојатно ги користел истите платформи како Фаџоли и Тонали.