
Женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз во натпревар од Европското првенство во Црна Гора. Поуспешни беа ракометарките од Шведска, кои постигнаа висока победа со 42:23. По денешниот пораз Македонија ќе разигрува за пласман од 17-24.место.
Нерешен резултат имаше само на почетокот на натпреварот 1:1 и 2:2, а потоа шведските ракометарки беа во постојано водство, кое во финишот на првиот дел беше и девет разлика (17:8).
Во вториот дел Шведска брзо дојде и до двоцифрена предност, а при крајот на дуелот имаа и највисоки +19 (41:22). Најефикасна во македонската репрезентација беше Таида Беровиќ, која постигна 5 голови.
Утре на првенството е слободен ден, а противничките на Македонија за последните два натпревара ќе бидат познати по завршувањето на денешната програма.