
Со силна поддршка од јавноста, спортски дух и позитивна енергија, зад трговскиот центар Ист Гејт Мол се одржа настанот „100 дена до ЕМОФ“, со кој симболично започна финалното одбројување до стартот на ЕМОФ и беше означен влезот во финалната фаза на подготовките за Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули.
Настанот понуди богата програма со активности за сите генерации. Посетителите имаа можност да учествуваат во спортски предизвици како турнири во 3×3 баскет, натпревари во забивање, шутирање од далечина и интерактивни демонстрации на олимписките вредности. Покрај спортскиот дел, вниманието го привлекоа и информативните пунктови каде граѓаните можеа да се информираат како да се вклучат како волонтери или поддржувачи на претстојниот фестивал. Преку ангажманот на млади спортисти, ентузијасти и волонтери, настанот претставуваше вистинска увертира за тоа што не очекува ова лето.
„100 дена до ЕМОФ“ доби и хуманитарна димензија – дел од програмата беше посветен на собирање средства за семејствата погодени од неодамнешната трагедија во Кочани. На овој начин, организаторите уште еднаш ја истакнаа општествената одговорност и солидарноста на спортската заедница, испраќајќи силна порака за заедништво, поддршка и човечност.
Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет, Даниел Димевски ја истакна важноста на овој настан, потенцирајќи ја улогата на спортот како обединувачка сила.
„Овој настан претставува вистинска увертира за она што не очекува ова лето. Тој е повеќе од симболично одбројување и го одразува ентузијазмот, подготвеноста и сплотеноста на македонската спортска заедница. ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде настан кој нема да ги слави само спортските достигнувања, туку и вредностите на толеранција, пријателство и солидарност. Нашата цел е да испратиме силна порака дека Македонија е подготвена да биде достоен домаќин на еден од најзначајните младински спортски фестивали во Европа. Им благодариме на сите граѓани, волонтери и поддржувачи кои беа дел од оваа убава приказна – заедно одбројуваме до нешто големо и значајно.“, нагласи Димевски.
Со одлична посетеност и позитивни реакции од јавноста, настанот ја загреа атмосферата во пресрет на најголемиот спортски собир во земјава. Организаторите најавуваат дека во следните 100 дена ќе следат уште многу активности насочени кон ангажирање на младите, промоција на олимписките вредности и мобилизирање на локалните заедници.
Ова лето, повеќе од 4.000 учесници, вклучувајќи 900 волонтери, ќе бидат дел од ЕМОФ Скопје 2025. Натпреварите ќе се одржат во 15 спортови: атлетика, бадминтон, кошарка, баскет 3х3, кану слалом, велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг понг, теквондо, одбојка, планински велосипедизам и гимнастика. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со уметничката гимнастика, која ќе се одржи во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации. ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде простор каде младите ќе го почувствуваат олимпискиот дух, ќе се натпреваруваат, но и ќе создаваат пријателства кои траат цел живот.