
По речиси две децении, Македонскиот олимписки комитет (МОК) доби нов генерален секретар и спортски директор.
Управниот одбор вчера ги изгласа промените со кои заврши долгогодишната ера на Сашо Поповски и Владимир Богоевски, двајца функционери кои речиси доживотно ги извршуваа овие позиции.
Новиот прв оперативец на МОК е Ѓорѓи Тасев, кој во јавноста е познат како поранешен советник за млади и спорт на премиерот Зоран Заев — функција што во минатото ја извршувал и актуелниот претседател на МОК, Даниел Димевски.
Името на новиот спортски директор сè уште не е објавено, но меѓу новите лица во „Куќата на олимпизмот“ е и Александар Богоевски, син на досегашниот директор Владимир Богоевски, кој ќе ја преземе функцијата директор на Спортскиот центар „Јане Сандански“.

И покрај смените, Поповски и Богоевски сениор остануваат на платниот список на МОК – првиот како одговорен за комуникација со меѓународни организации, а вториот како советник за спортски прашања на претседателот Димевски.
Нови кадри и нова енергија
Претседателот Димевски на седницата нагласил дека организацијата има потреба од „нова енергија и свежи идеи од млади луѓе“.
Во таа насока, назначени се и:
Петар Спасеновски – раководител на секторот за спорт,
Елена Зисовска Апостолска – шеф на кабинет,
Сашо Димитријоски – член на Управниот одбор,
Дејан Митровски – комесар за безбедност.
Девет олимписки стипендии за ЛОИ 2028
Меѓу останатите одлуки, Управниот одбор едногласно ги усвои и предлозите за новите олимписки стипендии за Летните олимписки игри 2028 во Лос Анџелес.
Одобрени се девет стипендии во вкупен износ од 9.000 американски долари месечно, кои ќе се исплаќаат директно на спортистите.
По седницата, свечено беа потпишани договорите со стипендистите.
Стипендисти за ЛОИ 2028:
🥋 Дејан Георгиевски – Таеквондо (1.600 УСД)
🥋 Мила Рељиќ – Таеквондо (1.600 УСД)
🏃♂️ Дарио Ивановски – Атлетика (1.200 УСД)
🚣♂️ Ангел Петрушев – Кајак (1.200 УСД)
🎯 Анастасија Мојсовска – Спортско стрелаштво (800 УСД)
🤼♂️ Магомедгаџи Нуров – Борење (800 УСД)
🤼♂️ Владимир Егоров – Борење (800 УСД)
🥋 Душица Бреслиева – Таеквондо (600 УСД)
🏊♂️ Никола Ѓуретановиќ – Пливање (400 УСД)

Македонски







