Skip to main content

ЕМОФ 2025: Бреслиева остана без медал во таеквондо, Смилев осми во финалето на К1-слалом

Македонската натпреварувачка во таеквондо, Душица Бреслиева остана без медал на четвртиот натпреварувачки ден на Европскиот Младински Олимписки Фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, откако загуби во четвртфиналето од Карла Сесар од Шпанија со 0:2. 

Во Баскет 3х3, двете македонските репрезентации доживеаја порази од Словенија Девојките беа совладани со 6:16, додека момчињата загубија од словенечките врсници со резултат 15:21.

Македонскиот кајакар Кристијан Смилев го освои осмото место во финалната трка во дисциплината К1-слалом во поединечна конкуренција, пристигнувајќи на целта со време 1:47,64. Во трката на Матка, златниот медал му припадна на Марек Кулчучки од Полска, среброто го освои Австриецот Макс Штрајнбренер, а бронзата се најде на градите на Јохан Шмит од Германија.

Во истата дисциплина кај девојките триумфираше Барбора Ондрачкова (Чешка), додека во категоријата C1, Лео Роје (Франција) и Патриција Иваниец (Полска) обезбедија златни медали со импресивни настапи.

Во бадминтон, Велика Британија славеше двојна победа – Каљан Маној и Ишасрија Мекала ги освоија златните медали во поединечните категории за момчиња и девојки. 

Во спортската гимнастика, Франција го освои златото во мешаниот тимски натпревар, а Италија и Израел ги комплетираа местата на подиумот.

Во атлетските натпревари на националната арена „Тодор Проески“, Закарија Диа од Франција стигна до златото во скок со стап, прескокнувајќи 5,20 метри, пред Иван Варга од Унгарија и Виктор Јарошевич од Полска. Финалето на 800 метри за момчиња беше возбудлива трка до самиот финиш, при што Андор Шуман од Германија го освои златото со време од 1:48.82, непосредно пред Умед Карачио од Италија и Ленерт ван Дајк од Белгија.

На улиците на Куманово, друмските велосипедски трки беа неизвесни до самиот крај. Ана Бонаси од Италија победи во трката за девојки со време од 1:03:00, додека Никлас Висмајр од Австрија го освои златото кај момчињата, во драматична завршница пред конкурентите од Франција и Велика Британија.

Во Олимпискиот базен во Скопје, Алесандра Мао од Италија исплива доминантна трка во финалето на 200 метри слободно за девојки, освојувајќи злато со време од 2:00.13. Остин Андерсон Менли (Велика Британија) додаде уште едно злато во својата колекција во финалето на 200 метри грбно за момчиња, додека Борока Жофија Кертес (Унгарија) доминираше во финалето на 100 метри делфин за девојки.

Златниот медал на 50 метри слободно за момчиња го освои Микита Лјах (БОО), а мешаната штафета 4×100 метри мешано заврши со фото-финиш – Италија ја победи Велика Британија за само 0.02 секунди. 

Поврзани вести