Skip to main content

Два бронзени медала за Македонија на Балканското првенство во џудо

Викендов во Пеќ, Косово, се одржа Балканско сениорско првенство во џудо, во поединечна и Микс тимс конкуренција. Беа присутни преку 100 џудисти од Македонија, Албанија, Босна, Грција, Турција, Молдавија, Црна Гора, Романија и Косово.

Македонската репрезентација од ова натпреварување се враќа со два бронзени медала. Првиот ден во поединечна конкуренција Сергеј Димитријоски се закити со бронза во категоријата до 60кг. Тој во борбата за третото место беше подобар од турскиот репрезентативец. Александра Најдоска го освои 5то место, во борба за бронзата загуби од репрезентативката на Црна Гора.

Како што информираше селекторот Горан Мицкоски, останатите наши претставници прикажале добри борби но не се пласираа во борби за медал.

-Сепак, сакам да истакнам дека конкуренцијата беше силна па оттаму, задоволен сум од прикажаното. Според настапите, можевме и подобро да поминеме што се донесува до медалите, но сепак најважно е дека нашите натпреварувачи имаа силни борби со квалитетни противници и тоа претствува одлична подготовка за претстојниот Сениорски европски куп што ќе се одржи наредниот викенд во Скопје – изјави Мицкоски.

Вториот ден на програмата на Балканското првенство беше екипниот натпревар. Нашата репрезентација се натпреваруваше и го освои третото место со следниот состав: Недановска -57кг., Стојановски -73кг., Шерифовски -90кг., Чакараровски +90. и Најдовска +70кг. Резерви беа:Милчиноски +90кг. и Димитријоски -73кг.