
Шарпланинскиот куп повторно ја носи еуфоријата на снежните патеки. 41-то издание на реномираниот Шарпланински куп ќе се одржи денес и утре (26 и 27 февруари), а снежните падини на Попова Шапка ќе бидат сцена на возбудливи слаломски трки за мажи и жени. Натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Грција, Косово и Кипар ќе се борат за престижната титула.
Овој легендарен натпревар, исполнет со динамика, страст и натпреварувачки дух, продолжува да биде симбол на спортска гордост во регионот. Првиот Шарпланински куп е одржан далечната 1947 година, што го прави најстар и најпрестижен меѓународен скијачки натпревар на Балканот. Со својата автентичност и спортска тежина, во 1954 година станува дел од престижните FIS натпревари.
Низ годините, трасите на натпреварите носеле предизвици што ги тестирале границите на физичката и менталната подготвеност на натпреварувачите. Патеката Езерино, каде се вози слаломот, со својата должина од 685 метри и височинска разлика од 198 метри, е вистински тест за прецизност и брзина. Велеслаломската патека Орлова, со своите 1.140 метри и височинска разлика од 390 метри, претставува сцена за мајсторски спустови и спектакуларни подвизи.