Skip to main content

Мислев дека е првоаприлска шега рече Лука Дончиќ кога му се јавиле дека оди во Лејкерси

Кошаркарот на Л.А.Лејкерс, Лука Дончиќ, по пристигнувањето во Лос Анџелес одржа прес-конференција на која денеска заедно со генералниот директор на „езерџиите“, Роб Пелинка, одговараше на прашања на новинарите.

Словенечкиот репрезентативец зборуваше за „трејдот“ кој го шокираше светот. Тој кажа само неколку зборови за Далас и времето поминато со Мавс, а најмногу за новиот клуб, каде што ќе има можност да ја дели соблекувалната со својот идол од детството – Леброн Џејмс.

Прво, за изминатиот период кога среде ноќ дозна дека ќе биде трејдуван во Лејкерси. Според Дончиќ, кога го добил повикот и дознал дека оди во Лос Анџелес, мислел дека тоа е некаква шега.

Изминатите 2-3 дена не ми беа воопшто лесни. На почетокот беше особено тешко, додека овие последни 48 часа ми изгледаа како цела вечност! Не е лесно да се помирам со тоа емотивно. Но, добро.. Сега е подобро, се навикнувам на мојот нов живот. Сите беа изненадени од „трејдот“, а можете да ме замислите мене. Ме разбуди повик среде ноќ. На почетокот не можев да поверувам. Мислев дека тоа е првоаприлска шега! Тотален шок! Првиот ден, како што реков, беше особено тежок. Но, сега ќе играм за најголемиот клуб во светот и среќен сум поради тоа, порача еден од најдобрите кошаркари на денешницата.

Тој е возбуден што ќе ја дели соблекувалната со Леброн Џејмс.

Тоа е како остварен сон. Отсекогаш сум го гледал, има толку многу работи што можам да научам од него и со нетрпение очекувам да го споделам теренот со него. И двајцата имаме висок коефициент на интелигенција, сакаме да им помогаме на нашите соиграчи да станат подобри и верувам дека ќе се вклопиме убаво.

Џејмс му посакал добредојде штом слушнал дека пристигнува во Л.А.

Тој беше во Њујорк и веднаш ми се јави кога ја доби веста. Не разговаравме многу, ми кажа дека знае како се чувствувам. Навистина беше убаво од него што ми се јави и ми посака добредојде во Лос Анџелес, рече меѓу другото Дончиќ.

Поврзани вести