
Македонската кошаркарска федерација денес го промовира Марјан Илиевски во нов селектор на сениорскиот национален тим.
Илиевски на чело на македонската репрезентација доаѓа на местото на Александар Јончевски.
На денешното официјално претставување пред медиумите, новиот селектор најави макотрпна работа со цел подобрување на состојбата во која се наоѓа македонската кошарка и за тоа побара време и разбирање од јавноста.
Ја прифатив селекторската функција со цел подобра иднина на македонската репрезентација. За такво нешто ќе треба поддршка од многумина, пред се од клубовите. Сите заедно треба да се ставиме во функција на репрезентацијата и на развојот на македонската кошарка. Планирам во следните неколку дена да разговарам со сите потенцијални репрезентативци, да го слушнам нивното размислување за нашиот проект и тогаш ќе донесам конечна одлука во кој правец ќе се движиме, дали ќе има драстично подмладување, или ќе одиме на резултати.
Деби на официјален натпревар не сметајќи ги подготвителните, Илиевски ќе има во август во првиот прозорец од претквалификациите за Мундијалот 2026.
Од подготвеноста на поискусните да се стават на располагање на репрезентацијата, ќе зависат очекувањата за дуелите со Романија и Унгарија. Исто така во моментов не знаеме ниту дали и со кое име ќе биде пополнето местото за странец со македонски пасош. Во случај ни откажат клучните играчи, тогаш ќе направиме подмладување на националниот тим, потенцира Илиевски.
Селекторот и кошаркарската федерација се договорија за соработка во еден четиригодишен циклус, период по кој очекуваат видлив напредок на Македонија на европската кошаркарска сцена.
Во текот на тренерската кариера, Илиевски ги предводеше екипите на: Пелистер, Сигал Приштина, Блокотехна, Охрид, Лирија и Кожув.