
Македонската машка кошаркарска репрезентација ја забележа третата победа во третиот натпревар од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година, совладувајќи го Луксембург вечерва во Скопје со 79:70.
Во својот прв натпревар по пауза од десет години во реновираната сала „Градски Парк“, македонските кошаркари почнаа сигурно и стекнаа предност по првата четвртина од 25:17, а на полувремето и водство од 44 :32.
Под водство на новиот селектор Жозеп Марија Берокал, македонската репрезентација дојде и до највисоки плус 20 поени разлика (54:34) на средина од третата четвртина, по што уследи мал пад во играта, а Луксембург тоа го искористи за да влезе во последната четвртина со негатива од десет поени (59:49).
Сепак, избраниците на Берокал брзо ги консолидираа редови, го отворија завршниот период со 10:5 и рутински го приведоа натпреварот до самиот крај.
Јакимовски со 17 поени беше најефикасен во македонските редови, а Хап реализираше 15 поени, додавајќи и 14 скокови.
Македонската репрезентација е лидер на табелата во групата А со максимални шест бодови, пред следниот натпревар од четвртото коло против Азербејџан на гостински терен на 2 март.

Македонски


