Skip to main content

Кои тимови од Евролигата ќе пристапат во новата НБА Европа?

Европската кошарка може да се соочи со големи промени. Сопствениците на клубовите од Евролигата треба да се соберат на почетокот на октомври на голем состанок, а на дневен ред ќе бидат прашања што би можеле да ја одредат иднината на елитното европско натпреварување.

Како што е откриено во подкастот „Floor Generals“, состанокот треба да се одржи во првите две недели од октомври, но не во Барселона, каде што се наоѓа седиштето на Евролигата. Се очекува многу добар одѕив од клубовите, со присуство на некои од највлијателните луѓе во европската кошарка.

Потенцијални учесници се Димитрис Јанакопулос, сопственик на Панатинаикос, браќата Јоргос и Панајотис Ангелопулос, сопственици на Олимпијакос, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, како и претставници на Анадолу Ефес и Фенербахче. Можно е и присуство на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.

Посебно внимание привлекува можноста Јанакопулос и браќата Ангелопулос да бидат на иста маса, што би била ретка средба меѓу сопствениците на големите грчки ривали.

Главните теми ќе бидат идната франшизна структура на Евролигата, можното проширување на натпреварувањето, но и сè поактуелниот проект НБА Европа.