Skip to main content

Вистинскиот Роналдо нема поддршка да биде на чело на бразилската федерација

– Легендарниот бразилски фудбалер Роналдо денеска изјави дека се повлекува од трката за претседател на фудбалската федерација на неговата земја, откако не успеа да собере доволно поддршка од регионалните федерации за да ја претстави својата кандидатура.

Поранешниот фудбалер, освојувач на „Златната топка“ и двократен светски шампион, ја објави својата намера да се кандидира за претседател во декември во обид да го „врати престижот и почитта што Бразил отсекогаш ги имал“ по години на контроверзии околу управувањето со локалната фудбалска централа.

Сепак, поранешниот напаѓач на Барселона, Интер и Реал Мадрид дошол до заклучок дека нема да може да му се спротивстави на актуелниот претседател Едналдо Родригез, кој има поддршка од речиси сите со право на глас.

-Во мојот прв контакт со 27-те регионални федерации, најдов 23 затворени врати. Ако мнозинството од луѓето кои носат одлуки веруваат дека бразилскиот фудбал е во добри раце, не е важно што мислам јас. Федерациите одбија да ме прифатат врз основа на нивното задоволство од сегашната администрација и поддршка за реизборот на Родригез. Не бев во можност да го претставам мојот проект, да ги презентирам моите идеи и да бидам слушнат. Немаше желба за дијалог. Статутот им дава најсилен глас на федерациите, па јасно е дека не можам да се кандидирам. Повеќето локални лидери го поддржуваат актуелниот претседател, тоа е нивно право и јас го почитувам тоа, без оглед на моите убедувања, изјави Феноменот.

На изборите право на глас имаат 27-те регионални федерации, секоја добива по три гласа, додека 20-те клубови од елитната Серија „А“ добиваат по два гласа, а 20-те второлигаши во Серија „Б“ по еден глас.

Поврзани вести