Во 8. коло од Лигата на шампионите е поставен рекорд по постигнати голови во 21. век. На 18 натпревари одиграни синоќа беа постигнати 64 гола.
Единствениот пат кога биле постигнати повеќе голови во еден ден на натпревари од највисокото европско фудбалско натпреварување бил на 16 септември 1970 година. Тогаш, во првото коло од Купот на европските шампиони во сезоната 1970/71, беа постигнати 66 голови на 16 натпревари.
Исто така, во досегашниот дел од сезонава на 144 натпревари од Лигата на шампионите, постигнати се 470 голови, што е најдобар показател за просечниот учинок по натпревар во последните 6 години – 3,26 голови.
Минатата сезона оваа вредност беше 3,08 гола, во сезоната 2022/23 – 3,15, во сезоната 2021/22 – 3,09, во сезоната 2020/21 – 3,01 и во 2019/ 20 – 3,21.
– Тренерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола очекува неизвесни средби во плејофот од Лигата на шампионите.
„Граѓаните“ синоќа го совладаа Бриж со 3:1 во натпреварот од 8. коло на групната фаза и си обезбедија учество во плејофот.
Манчестер сити со 11 бодови се наоѓа на 22. место и ќе добие тежок ривал во следната рунда.
– Пред нас е тежок плеј-оф против Реал Мадрид или Баерн Минхен. Но ние ќе бидеме засилени со неколку играчи кои ќе се вратат и некои нови што ќе се приклучат за две недели. Се надевам дека ова ќе бидат добри натпревари, изјави Гвардиола, ја цитира прес-службата на УЕФА.
Ждрепката за плејоф рундата во елитното фудбалско натпреварувања ќе се одржи утре.
Првите натпревари од плејофот за Лигата на шампионите 2025 година ќе се играат на 11/12 февруари, а реваншите на 18/19 февруари