
Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски, оцени дека триумфот над Лозана синоќа во Скопје е апсолутно заслужен, но посочи дека неговиот тим за една недела го очекува реванш и оти противникот сè уште ја има фаворитската улога.
„Тоа што го најавивме дека ќе има добар меч го остваривме. Мислам дека заслужено победивме. Најавивме дека ќе играме офанзивен фудбал и тоа го остваривме на теренот.Единствено не сум задоволен од тоа како влеговме во првите десетина минути во второто полувреме, но не треба да се заборави дека имавме тежок ривал од Швајцарија со голем буџет“, рече Седлоски по натпреварот.
Вардар до победата во рамки на првиот натпревар од 2 квалификациско коло во Конференциската лига дојде со головите на Мато (45+2) и Омерагиќ (78), додека голот за Лозана го постигна Диаките (58).
„Тука не застануваме. Лозана и натаму ја има улогата на фаворит, но ние ќе работиме ќе се подготвуваме да ја оствариме целта и во реваншот. Благодарност и до публиката која беше наш 12. играч. Постојано не бодреа и ние им подаривме триумф“, додаде Седлоски.
Реваншот во Лозана е закажан за 31 јули со почеток во 20:15 часот.