
Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас го постигна премиерниот гол во дресот на Аталанта, предводејќи го италијанскиот клуб до победа синоќа над кипарски Пафос од 3-1 во рамки на второто коло во конференциската лига.
Елмас се најде во почетниот состав и ја навести победата на Аталанта веќе во 47 секунда од натпреварот во Бергамо.
Распадори во 16 минута од пенал и Скамака во 44 минута му донесоа убедлива предност до полувремето на домашниот тим, а Пафос во продолжението дојде само до почесен гол преку Биел во 88 минута.
Елмас го одигра целиот натпревар за Аталанта која викендов ја очекува натпревар на гостински терен против Милан во Серија А.
Репрезентативниот колега на Елмас во редовите на белградска Црвена ѕвезда, Матеј Гаштаров го одигра целиот натпревар за српскиот шампион во поразот на гостински терен од Лугано со 3-2.
Гаштаров му асистираше на Елшник во 32 минута кога Црвена ѕвезда го израмни резултатот на 1-1, а Круниќ во 67 минута му донесе водство на белградскиот тим.
Македонскиот репрезентативец во редовите на Лугано, Егзјан Алиоски, влезе на теренот од клупата за резерви во завршните десетина минути во кои швајцарскиот тим дојде до целосен резултатски пресврт со головите на Монкада (84) и Гргиќ (89, пенал).

Македонски


