
Манчестер Сити до петок ќе биде посилен за Клаудио Ечевери. Младиот Аргентинец, кој англискиот клуб го купи од Ривер Плата во јануари минатата година за 18,5 милиони евра, а потоа го остави една година во матичниот клуб, ги заврши квалификациите за Светското првенство за играчи до 20 години и веднаш се качува во авион за да им се придружи на соиграчите во новиот клуб.
Аргентина заедно со Бразил, Колумбија и Парагвај обезбеди пласман на Светското првенство за играчи до 20 години, а Ечевери, кој игра на позицијата плејмејкер, но и крило по потреба, постигна шест гола и три асистенции. Поефикасен беше само Колумбиецот Насер Виљареал со осум гола и четири асистенции.
Ечевери, кој на 2 јануари наполни 19 години, за Ривер Плата на 48 натпревари постигна четири гола и имаше осум асистенции, а со Сити има договор до јуни 2028 година.