
Натпреварот за кој многумина предвидуваа дека ќе биде здодевен и ќе заврши со „лесно“ реми, коешто ќе ги одведе двете селекции во нокаут-фазата се претвори со неверојатно возбудлив натпревар преполн со емоции.
Во фајтерска игра, Австрија прва ја тресеше противничката мрежа кога Марко Арнаутовиќ умешно се уфрли зад одбраната на Алжир и ја искористи неодлучноста на алжирскиот голман протнувајќи ја топката крај него во мрежата. Алжирците одговорија со неколку шутеви, меѓу кои еден заврши во дирекот, за да дојдат до изедначување во 45 минута, со голот на Рафик Бегали.
Тоа беше само најва за случувањата во вториот дел.
Марсел Сабицер повторно ја доведе Австрија во водство во 55 минута, со што во тој момент значше дека Алжирците ќе го завршат настапот на Светското првенство во групната фаза. Сепак, Африканците брзо одговорија, па Ријад Марез пет минути подоцна го врати егалот на семафорот.
Вистинската драма дојде во судиското надополнување. Покажани беа четири минути судиско надополнување, а во третата минута од овој дел, Марез постигна уште еден гол, кој во тој момент го носеше Алжир на втората позиција во групата, но Австрија ја оставаше без пласман во нокаут-фазата.
Австријците, сепак, не се предадоа. Судијата дозволи да се игра и повеќе од најавените четири дополнителни минути, па напаѓачот на ЛАСК, Саша Калајџиќ, кој влезе во игра неколку моменти претходно, со глава, буквално пред последниот судиски свиреж донесе ново изедначување и ја врати својата репрезентација во нокаут-фазата.
Во ваквиот расплет на случувањата, најмногу загуби Иран, кој со три освоени бода е најдобрата третопласирана репрезентација, која извиси и не обезбеди пласман во 16-финалето. Доколку која било селекцја од Алжир и Австрија победеше, Иранците ќе беа подобри од поразениот и ќе го добиеја неговото место во нокаут-фазата.

Македонски



