
Данскиот фудбалски репрезентативец Расмус Хојлунд изјави денеска дека не сака да се потсмева на својот идол Кристијано Роналдо, откако го прослави победничкиот гол против Португалија во четвртфиналето на Лигата на нации на ист начин како што тоа го прави португалската ѕвезда.
Данска ја совлада Португалија со 1-0 во четвртокот вечер во Копенхаген, во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на нации А, со голот на Хојлунд во 78. минута. Голот го прослави како што тоа го прави Роналдо – скокајќи и извикувајќи „сиу“.
„Не го исмејував, ниту ништо слично на тоа. секогаш велев дека има големо значење за мене и мојата фудбалска кариера. Играјќи против најдобриот светски фудбалер, мојот идол и постигнувајќи победнички гол, не можеше да биде подобро“, изјави Хојлунд за данската телевизија ТВ2.
„Да се даде гол против него и Португалија е огромна работа, го гледав во 2009 година кога постигна гол од слободен удар, оттогаш сум негов обожавател“, додаде данскиот репрезентативец.