Skip to main content

Уникатна комбинација на театар и музика во живо приредија повеќе од 50 уметници на „Глумците пеат“

Повеќе од 50 уметници синоќа настапија на сцената на Македонскиот народен театар во новото издание на „Глумците пеат“.

Програмата беше посветена на македонската музика — песни што публиката добро ги знае, но ги слушна поинаку.

Форматот го става актерот во поинаква улога, каде музиката станува личен израз, а препознатливите композиции добиваат нов живот низ соло изведби, дуети и групни точки.

Оваа година на сцената за првпат во Глумците пеат се појавија Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска и Катерина Јовановиќ, а заедно со нив настапија веќе препознатливите: Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Петар Горко, Сања Арсовска, Катерина Илиевска Силјановска, Калина Наумовска, Марина Поп Панкова, Слаѓана Вујошевиќ, Маја Андоновска Илијевски, Гордана Ендровска, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева Велиќ, Нина Деан, Наталија Теодосиева, Тина Трпкоска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Антонио Ташковски и Горан Ников.

Дејан Пројковски заврши одлична работа, а актерите ги придружуваше голем оркестар под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски.

Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

Се радуваме што и годинава публиката ќе може да ја доживее оваа поинаква актерска вечер. „Глумците пеат“ е формат во кој актерите не раскажуваат туѓи приказни, туку преку музика покажуваат нешто лично. Се пее и се свири во живо, идеите се создаваат на пробите, а токму таа слобода му дава посебна динамика на шоуто и ја создава атмосферата по која е препознатливо, рекоа организаторите.

Шоуто е наследство на Марин Бабиќ, кој го создаде во 1990-тите, а денес продолжува преку неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Поврзани вести