
Македонската публика синоќа беше сведок на историски музички момент! Светската поп и Р’н’Б суперѕвезда и еден од најголемите артисти на нашето време, Џејсон Деруло, за првпат настапи кај нас на 2 август, под отворено небо на „Билјанини извори“ во Охрид.
Можевте да бидете било каде вечерва, но вие одбравте да сте тука со нас. Најдобрата забава на светот е сега и овде, во Македонија, рече синоќа Деруло.
Синоќешниот концерт е настан кој го запиша Охрид во листата на градови кои биле домаќини на една од најголемите музички икони на светот. Познат по своите моќни вокали, беспрекорни сценски настапи и хитови кои доминираат на топ-листите ширум светот, Џејсон Деруло ги пееше “Swalla”, “Want to Want Me”, и “Savage Love”, а ги покажа и неговите иновативни танцови перформанси кои ги освојуваат милиони обожаватели.

Тој уште еднаш докажа дека не е само музичар – тој е глобална икона. Неговата енергија, харизма и неспоредлива музичка умешност го прават еден од најдобрите забавувачи на нашето време.
Концертот беше спектакл полн со енергија, врвна продукција, неверојатни кореографии и интеракција со публиката која остави силен впечаток на секој што синоќа беше на „Билјанини извори“.
Организатори на овој спектакуларен концерт се „Прагма продукција“ кои уште еднаш докажаа дека нашата земја има капацитет да биде домаќин на најголемите имиња од светската сцена.