
На 9 јули, срцето на градот повторно ќе пулсира во ритамот на добрата музика со летниот музички open air фестивал „Звукот на Скопје”, во организација на Културно информативен центар – Скопје.
Фестивалот, кој стана препознатлив симбол на урбаната културна сцена, ги обединува љубителите на различни музички жанрови и уметноста и им нуди незаборавно искуство под отворено небо. „Звукот на Скопје” не е само фестивал – тој е културен настан што ги слави музиката, уметноста и духот на градот.
Оваа година, на сцената повторно ќе настапат свежи домашни музичари, кои со својот уникатен звук ќе создадат вистинска магија на летната вечер.
Повторно сме фокусирани на свежа музика, а како хедлајнери на фестивалот ги најавуваме Педро Хоризонте. Тоа е новиот бенд на Пеце од веќе добро етаблираните „Суперхикс“. Тукушто издадоа албум, па ќе биде една навистина свежа промоција на албумот на голема сцена. Пеце е доста активен и добро познат на сцената, па очекуваме навистина добра свирка. Како загревање ќе настапи мултиталентираниот Мартин Џорлев, кој иако е млад, има доста проекти зад себе, но тука ќе настапи со својот соло проект и со неколку гости како Мартин Георгиевски. Во салон 19:19 ќе се реализира концерт на „Езгија квартет“ на Филип Шурбевски. Секако тука ќе бидат и изложбите, книжевните настани, саем на книга, со што ќе ја докомплетираме програмата.
Класични предизвици можеби немаме, затоа што сме веќе добро уиграни, единствено може да го споменам поместувањето на терминот на реализација од септември за јуни поради низа фактори. Прв фактор се изборите кои ќе се одржуваат на есен. Не сакам повторно да дојдеме во ситуација да не блокираат со бирократски процедури и да не можеме да реализираме настани како што се случи пред парламентарните избори минатата година, а реално и фокусот на граѓаните ќе биде насочен или кон изборите или кон одморите кои уште не се завршени. Исто така има доста настани тој период со кој би се преклопиле, па сметав дека е посоодветно да го поместиме за на лето. Сепак се смета за летен фестивал на отворено. Други посериозни предизвици немавме, а олеснителна околност е што сега го правиме фестивалот на наш терен, па тоа ни ја олеснува организацијата од логистички аспект, вели директорот на КИЦ-Скопје, Антонио Димитров.