Skip to main content

Вечер во чест на Војкан Јовановиќ

Уметноста нема една боја. Таа свети во сите бои. Токму со таа порака, во Three Garden Bar ќе се одржи настан во чест на Војкан Јовановиќ – истакнат оперски бас и долгогодишен солист на Македонската опера, чиј глас и уметничка посветеност оставија значаен белег во македонската музичка култура.

Настанот е замислен како спомен што продолжува да инспирира. Како светлина за еден живот посветен на културата, но и како потсетник дека уметноста секогаш останува простор на слобода, достоинство и отвореност.

Војкан Јовановиќ беше препознатлив по својот длабок, моќен и впечатлив глас. Тој беше активен на домашната класична и оперска сцена, со особено забележителни настапи во текот на 1990-тите години.

Во текот на својата кариера настапуваше на значајни домашни и регионални сцени, меѓу кои и фестивалот „Охридско лето“. Преку своите оперски проекти, настапи и соработки со клучни музички институции, Јовановиќ остави наследство кое останува дел од историјата на македонската опера.

Иако денес не е меѓу нас, неговиот глас продолжува да живее како сведоштво за силата на талентот, уметноста и посветеноста.

Со ова одбележување се оддава почит кон уметникот и неговиот придонес кон културата, но и кон вредностите на едно отворено, достоинствено и слободно општество.

Иницијативата е на „Терапија“, а во организацијата на програмата учествуваат Александар Ношпал, Сретен Костиќ, Драган Костадиновиќ и д-р Милена Стевановиќ.

Домаќин и просторен партнер на настанот е Three Garden Bar.