Skip to main content

Слушачка промоција на винил-изданието на Maglota Live

По една од оние ретки музички вечери што остануваат трајно запишани во колективната меморија — концертот Maglota Live во Македонската филхармонија, одржан на 30 јуни 2025 — ова уникатно остварување сега добива своја винилна форма. По тој повод, на 3 март со почеток во 19 часот, во просторот на Аудиокултура, ќе се одржи слушачка промоција на грамофонската плоча, настан посветен на внимателно, заедничко слушање, разговор и споделување.

Maglota Live не е обичен концертен запис, туку звучен документ на еден комплексен, колективен и длабоко интегративен музички чин. Во оваа изведба се сретнуваат Маглота секстетот на Јордан Костов и Хорот „Св. Злата Мегленска“ (под диригентска палка на Летка Димовска-Полизова), создавајќи густ, слоевит и постојано променлив звучен пејзаж во кој се преплетуваат различни културни традиции, инструментални практики и вокални текстури.

Музиката на Maglota Live функционира како отворен систем — архитектура од звук со намерно оставени празнини, во кои секоја нова изведба, секоја интерпретација и секој нов контекст внесуваат нови значења. Наместо да тежнее кон дефинитивна форма, ова дело постојано се трансформира, задржувајќи ја својата флуидност, непредвидливост и импровизаторска отвореност.

Концертот во Македонската филхармонија ја потврди токму таа димензија: музиката тука не беше репродуцирана, туку повторно создадена — преку динамичен дијалог меѓу индивидуалната импровизација и колективната звучна структура, меѓу инструменталната експресија и архетипската сила на хорскиот глас. Просторот на салата, со својата акустичка длабочина и резонанца, дополнително го нагласи телесниот карактер на звукот, неговата материјалност, кревкост и отвореност.

Особено значајна е и меѓународната постава на Маглота секстетот, составен од музичари со различни културни и инструментални позадини (Виетнам, Кина, Бразил и Русија), кои не беа собрани за да ги претставуваат сопствените традиции, туку за да ги надминуваат, создавајќи заеднички импровизаторски јазик. Во таа сложена звучна мрежа, хорот „Св. Злата Мегленска“ има клучна, трансформативна улога — не како декоративен елемент, туку како колективен глас што го проширува музичкиот простор, внесувајќи длабочина, архетипска тежина и ритуална димензија.

Слушачката промоција во Аудиокултура е замислена како интимен настан, фокусиран на искуството на слушањето — на можноста музиката да се доживее во својата целосност, преку топлината и физичкото присуство на винилот. Ова не е класична промоција, туку внимателно куриран момент за повторна средба со делото, за дијалог и споделување меѓу слушателите.

На настанот ќе бидат достапни:
— винил-изданието на Maglota Live (по промотивна цена од 1500 денари)
— маици од албумите Maglota и Asphalt Calcutta (по цена од 700 денари)

Со секоја купена плоча или маица, посетителите ќе добијат код за бесплатно дигитално симнување на сите четири досега издадени албуми на Јордан Костов за Аксиома:
Maglota Live, Maglota, Asphalt Calcutta и Kichobal.

Настанот е отворен за сите љубители на џез, етно, експериментална, импровизирана и современа музика, како и за сите што сакаат да ја искусат моќта на колективното слушање.

Поврзани вести