Skip to main content

Роман Симовиќ: Голема чест е што преку музика ќе им помогнеме на семејствата од Кочани

Фејмс институт

Светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, утревечер ќе настапи заедно со младите музичари од оркестарот на Институтот „Фејмс“ на хуманитарен концерт, чиј приход е наменет за семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Кога влегов овде, имав чувство дека сум влегол во Европската Унија. Организацијата е совршена, пробите почнуваат и завршуваат точно на време, а младите музичари ме воодушевија со својата посветеност. Свириме исклучително тешка програма, а јас ќе бидам и солист и диригент. Ќе ги водам преку слушање и внатрешно разбирање на музиката, што е голем предизвик за сите нас. Чест ми е што преку овој концерт, посветен на жртвите од пожарот, ќе придонесеме барем малку да донесеме утеха на нивните семејства, рече Симовиќ на денешната средба со новинарите.

Настанот е организиран од институтот „Фејмс“, кој веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво. Хуманитарниот концерт ќе се одржи на 29 април од 20 часот во малата сала на Македонската филхармонија. На програмата се делото за виолина и оркестар и Симфонија бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен. Целокупниот приход од билетите ќе биде дониран на Црвениот крст, во фондот за помош на семејствата настрадани во пожарот.

Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс.

Поврзани вести