
Групата „Фолтин“ е основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот музички јазик е имагинарна смеса или фонетска имитација на јазици, како што се: шпанскиот, францускиот, португалскиот, романскиот, таканаречениот „спонтан есперанто“ итн., во комбинација со еден звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс.
„Фолтин“ почна да пее и на македонски јазик, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре.

На самиот почеток, идејата била да се долови медитеранскиот звучен амбиент и духот на музиката од источноевропските цртани филмови. За чудниот звучен пејзаж, збогатен со разни „ready-made“ „играчки“ (свирчиња, црева, лончиња, прапорчиња, ламарини, картонски кутии и сл.), најпрво се заинтересирале Никола Симушевски и Оливер Белопета Во само неколку дена, во јануари 1997 година, во студиото „До Ре Ми“, во продукција на Кокан Димушевски биле снимени 6 теми, кои по неколку месеци јавноста ги запознала како една целина поврзани во албумот со име „Outre-Mer“.
Во периодот до следниот албум, Фолтин бил интензивно вклучен во правење наменска музика, најчесто за театар, но во годините потоа ангажманите биле проширени и на создавање филмска музика. Меѓу другото, работеле на култната претстава „Македонска крвава свадба“, во продукција на Битолскиот народен театар за која ја добиле наградата за најдобра музика на МТФ „Војдан Чернодрински“и на ТВ-перформансот „By Foltin”, во продукција на МТВ. Во 2018 година ја направиле музиката за филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески….

„Фолтин“ веќе 30 години ја освојуваат публиката со својот уникатен звук и сценски израз. Со десетина албуми и музика за бројни театарски претстави и филмовите „Плати и жени“, „Исцелител“, „Медена земја“…, тие ја потврдија својата оригиналност и автентичност и дома и во светот.

За јубилејот-30 години постоење, бројните настапи, поезијата, филмската и театарската музика, наградите…разговараме со Бранислав Николов, познат и како Пијан Славеј — македонски музичар, член на групата „Фолтин“ и поет.
Покрај со музика, Николов се занимава и со пишување. Објавил четири збирки поезија, „Креветизам и хоризонтала“ (2018), „Срчки“ (2020), „Полиграф“ (2022) и „Јазик за двајца“ (2024). Во 2022 година бил застапен во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуле во земјата на афионите “ со три творби.

„Фолтин“ има многу настапи изминативе 30 години, но за прв пат настапивтее во салата на Македонската филхармонија. Какви Ви се впечатоците?
Јас, лично, таму сум настапил двапати претходно, пред неколку години со Македонската филхармонија и лани со Националниот џез оркестар. Што се однесува до Фолтин, еден ваков јубилеј бараше соодветен простор, соодветна сала, но морам да кажам дека предлогот не дојде од нас, туку од Горан Муратовски, виолинист во Филхармонија и организатор на нашиот концерт, а ние, иако на почетокот бевме малку резервирани, сепак, не одолеавме и го прифативме. Беше фасцинантно, како во една таква сала може толку убаво да легне рок концерт. Секако, за тоа е најзаслужна одбраната, квалитетна публика, која скоро цело време беше со нас на нозе. За впечатоците, накратко, мислам дека тоа е еден од најубавите концерти на Фолтин во последните десетина години.

Со музика за бројни театарски претстави и филмови -„Плати и жени“, „Исцелител“, „Медена земја“…, ја потврдивте својата оригиналност и автентичност и дома и во светот. Ја добивте наградата за најдобра музика на МТФ „Војдан Чернодрински“ за „Тапани во ноќта”, а нешто подоцна во Нови Сад и престижната „Стериина награда“ за претставата „Бротче за кукли”, во продукција на СНГ Драма – Љубљана. Колкав предизвик е за Вас создавањето музика за филм и театар?

Од самиот наш почеток, работата на песни и концертната дејност беше проткаена со работа на театарска музика. Не само што правевме театарска музика, туку така ја правевме што скоро секогаш мораше и да ја изведуваме на сцената. Не се знаеше дали сме некои театарџии што се зафаќаат со музика, или обратно, музичари што се опседнале со театарскиот концепт. А можеби и самите ние не бевме толку строго определени на едната или другата страна. Па така, беше логичен след и работата на музика за филм. Низ целата наша кариера, покрај основната, независна авторска и концертна дејност, работевме и наменска музика, и тоа никогаш не го чувствувавме како нешто туѓо или како дополнителна работа со комерцијален мотив.

Имав можност пред неколку години да го гледам вашиот концерт на Хераклеа во Битола. Уникатно доживување. Одбележавте 25 години со концерт на истото место каде сте го одржале првиот концерт на 16 август 1996 година. Тогаш рековте: Да живее живата музика! Што се за вас настапите во живо?

Пред неколку години се соочивме со најтешкиот период во нашето уметничко живеење. А беше и тежок егзистенцијален удар. Забраната за концерти и настапи ја доживеавме како забрана за културата воопшто. И не беа проблем само институциите, ами и тоа што граѓаните коментираа дека културата е непотребна и излишна, онаа живата која треба да биде топлиот здив на човештвото. За таквите студени ставови најмногу е заслужен интернетот и, таканаречената, “клонирана уметност”, онаа неживата, што не произлегува од моментот во кој се живее, без разлика дали станува збор за авторски креирана или репродуцирана уметност. Но, за среќа, барем засега, тоа е зад нас. Јас навистина не можам да прифатам состојба во која музиката ќе се слуша само на интернет, без директно и меѓусебно да комуницираат музичарот и публиката.


„Фолтин“ е битолски бенд. На битолчани им велите „отсекогаш и засекогаш ваши“. Колку Битола ви е инспирација?
Секако дека Битола игра многу важна, можеби и клучна улога во формирањето на Фолтин како колектив. А низ годините, битолскиот „шмек“ се забележува таму некаде длабоко под површината во музиката, во текстовите, па дури и во нашиот општ и професионален став. Нема човек кого родното место и детството во него го оставиле рамнодушен.


Творите и во музиката и во поезијата. Автор сте на неколку збирки поезија. Колку музиката се испреплетува во Вашата поезијата и поезијата во Вашата музика?

Ми се чини дека моите први обиди беа во поезијата, а подоцна дојде и музиката. Кога конечно ги слеав двете во едно, на почетокот на музичката кариера, тогаш пеев на некаков измислен јазик. Но и тој “јазик”, тие текстови, и тоа имаше своевидна концептуална, естетска, па така и поетска вредност. Минаа години дури не се осмелив да пеам на “мојот” македонски – на песните што ќе ги напишам за самиот и да ги испеам. Тоа беше зенитот на она што се вика наоѓање на уметноста во себе.
Разговараше: Невена Поповска
фото: приватна архива

Македонски




