
Синоќа, во рамките на 55. издание на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола, македонската вокалистка Зарина Првасевда приреди концерт што го надминува концептот на сценска изведба и се доближува до обредна пракса.
Настанот, симболично насловен „Патување низ ехото на предците“, се одржа на платото пред Офицерскиот дом и претставуваше музичка реконекција со женската усна традиција, архетипските наративи и обредната моќ на песната.
Зарина настапи не како изведувач, туку како медијатор меѓу времињата. Нејзиниот глас – топол, мек и длабоко вкоренет во балканскиот модус – се движеше низ спектарот на старински женски напеви и модифицирани лирски текстови, земени од теренски записи и етнолошки студии, но прочитани низ нејзин современ интерпретативен сензибилитет.
Она што ја издвојува Зарина од останатите етно-интерпретатори е нејзината методологија. Таа не “аранжира” традиционални песни – таа ги чита внимателно, со почит кон контекстот, со свест дека секој звук носи културна кодираност. Нејзиниот пристап е истовремено емотивен и научен, со јасно разбирање дека усната традиција не е музичка прошетка, туку структура на преживеано искуство.
Концертот беше структуриран како музичко патување низ наративи за мајка, земја, љубов, смрт и обнова – клучни теми на женската усна култура на Балканот. Песните не беа поставени во хронолошка или географска рамка, туку во емоционално-семантичка, каде што симболите се важни исто толку колку и тоналитетите.
Зарина настапуваше со одлична придружба на музичари и без театарска претенциозност. Наместо тоа, публиката беше повикана во звучен простор каде што секоја песна беше мост кон некоја жена – реална или митска – од минатото.
И тоа е суштината на нејзината естетика: музиката како реминисценција на архетипот, како облик на културна и телесна меморија.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски