Skip to main content

Македонска филхармонија премиерно ќе ја изведе мисата за мир „Вооружен човек“

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе вокално-инструменталното дело „Вооружениот човек“ (миса за мир) од британскиот композитор Карл Џенкинс. Диригент е Сашо Татарчевски, настапува и хорот „Про Aрс“, а како солисти ќе ги чуеме Мартина Георгиевска, Ана Ценевска Мучева, Емили Христоска, Исабела Димовска, Дејан Симоски, Мартин Блажевски и Месут Куртис.  

„Вооружениот човек: Миса за мир“ на Карл Џенкинс ја надминува традиционалната католичка миса, комбинирајќи духовност, историја и универзална порака за мир. Напишана по повод Милениумот и преселбата на Кралската оружарница од Лондон во Лидс, делото е посветено на жртвите од косовскиот конфликт и симболично го третира „највоениот и најразорен век во човечката историја“. Мисата е нарачана од Музејот на Кралската оружарница и претставува антивоена рефлексија која ја користи класичната католичка миса како рамка, но ја надополнува со текстови и мотиви од различни култури, религии и историски извори. Либретото вклучува традиционални латински текстови (Kyrie, Sanctus, Agnus Dei, Benedictus), муслимански повик на молитва (Adhan), библиски текстови (Псалмите и Откровението), Махабхарата, како и стихови од Радјард Киплинг, Алфред Лорд Тенисон и Санкичи Тоге. Секој елемент внимателно е избран за да ја илустрира универзалната димензија на страдањето, надежта и човечката солидарност. Мисата го следи развојот на војната: од првата закана, преку ужасот и страдањето, до моменти на тишина, контемплација и крајната порака за мир.

Сашо Татарчевски е најактивниот и најнаградуваниот македонски диригент, кој речиси три децении интензивно работи на македонската музичка сцена. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класите на диригентите Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски-Ѓумар. Посетувал мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург, кај реномирани диригенти како Хелмут Рилинг, Михаел Јуровски, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Александар Полјаничко и Сајмон Керингтон.

Настапувал со голем број ансамбли во земјава и во странство, вклучувајќи ја Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж, Младинскиот оркестар на Санкт Петерсбург и Симфонискиот оркестар на ФМУ. Со темелна работа и посветеност на развојот на македонската музичка сцена, поставил голем број први изведби и иновативни концертни програми со Битолската опера, Камерниот оркестар на Битола, камерните ансамбли „Алеа“ и „КонТемпора“, како и со повеќе хорски ансамбли. Како диригент на симфониски концерти соработувал со бројни домашни и странски солисти, меѓу кои и светски познати имиња како Јеол Еум Сон, Марк Бучков, Емануел Сејсон, Пабло Бараган, Ајман Мусахоџаева и Симон Трпчески.

Професионалниот хор „Про Арс“ во 2026 година одбележува значаен јубилеј – 15 години од основањето. Ансамблот е формиран во 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски, кој, по долгогодишно активно присуство во хорската уметност и внимателна анализа на домашната музичка сцена, ја препозна потребата од професионален вокален ансамбл што со висок квалитет, посветеност и уметничка одговорност ќе одговори на современите музички предизвици во Македонија.

Поврзани вести