Skip to main content

Концерт на „Фолтин“ во Прилеп

Вечерва, со почеток во 21:30 часот, на летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи целовечерен самостоен концерт на „Фолтин“.

Оваа и следната година „Фолтин“ ја одбележува својата 30-годишнина од формирањето и првиот самостоен концерт. Основана во 1995 година во Битола, групата е препознатлива по својот уметнички и експериментален израз. Текстовите често се фонетска имитација на неколку медитерански јазици – „спонтан есперанто“, како што самите го нарекуваат. Нивниот препознатлив стил, „псевдоемигрантско кабаре“, е амалгам од традиционална музика, електроника и рок, збогатен со визуелни елементи од кабаре и перформанс.

Со текстовите на македонски јазик, „Фолтин“ отвора ново поглавје, внесувајќи влијанија од алтернативниот рок и новиот бран, но задржувајќи ја врската со традиционалната музика и концептот на кабаре. Групата има објавено повеќе од десет студиски изданија, а нејзината музика е дел од над триесет театарски претстави и неколку филма („Плати и жени“, „Со љубов“, „Исцелител“, „Медена земја“ и др.).

Настанот се организира во соработка со ЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп и е финансиски поддржан во рамките на Програмата за проекти од национален интерес за 2025 година на Министерството за култура и туризам на Македонија.

Поврзани вести