Skip to main content

Фјола Рамадани и Едита Руси приредија несекојдневно музичко патување во Македонскиот КИЦ во Загреб

Во македонскиот КИЦ во Загреб, со концертот ,,Вибрации на флејта“ Фјола Рамадани на флејта и Едита Руси на пијано приредија несекојдневно музичко патување за бројната публика.

Со суптилната изведба на дела од класичната и традиционалната музика,  Фјола Рамадани и Едита Руси приредија вистинско празнување на музиката кое публиката го награди со искрени и долготрајни аплаузи. Двете уметници оставија впечаток на совршено усогласено дуо – перфектната сценска комуникација и меѓусебна доверба се чувствуваше преку секоја отсвирена нота.

Концертот уште еднаш го потврди значењето на програмските активности на македонскиот КИЦ во Загреб во промоција на домашната музичка уметност на меѓународната ниво, како и високото ниво на креативност и професионализам на македонските уметници.

Во својот поздравен говор, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна дека концертот претставува уште еден значаен сегмент од програмата на македонскиот КИЦ, која низ музички приказни и патувања преку камерни концерти ги претставува и афирмира македонските музички уметници на меѓународната сцена.

Концертот во преполната сала на македонскиот КИЦ во Загреб го проследија истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, претставници на дипломатскиот кор, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, универзитетски професори  како и претставници на државната власт и локалната самоуправа во Република Хрватска.

Поврзани вести